Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска и директорот на Даночната управа на Црна Гора, Миомир M. Мугоша, во Подгорица потпишаа Меморандум за соработка со којшто меѓу другото е со цел зголемување на ефикасноста во борбата против даночната евазија во двете земји.

“Даночните управи на Република Северна Македонија и Црна Гора се исправени пред предизвикот да бидат цврст стожер и да овозможат силни и економски стабилни општества. Двете институции се соочуваме со слични проблеми и потешкотии и напорно работиме да ги надминеме. Потпишувањето на овој Меморандум е токму во таа насока и ќе овозможи да се унапреди соработката, меѓусебната помош, довербата како и ефикасноста во заедничката борба против даночната евазија”, рече директорката Лукаревска.

Директорот на Даночната управа на Црна Гора, Мугоша, рече дека потпишувањето на Меморандумот за соработка е од исклучителна важност, бидејќи двете земји ќе имаат можност да ги споделат своите искуства и знаења со што ќе се придонесе во унапредувањето во работата на двете даночни управи.

“Посебно задоволство ми е што имавме можност со Лукаревска да разговараме и да размениме искуства и од областа на големите даночни обврзници, како и за услугите коишто двете институции им ги нудат на даночните обврзници. Двете институции сме во процес на целосна модернизацијата на процесите со цел значително да ги подобриме и услугите и соработката со даночните обврзници”, рече директорот Мугоша.
Работната посета во Подгорица, беше одлична можност и на билатерално ниво, претставниците на УЈП, да се запознаат и со праксата и процедурите коишто се спроведуваат во Даночната Управа на Црна Гора во областа на комуникација со големите даночни обврзници како и услужните функции во Црногорската управа.

Соработката помеѓу Управата за јавни приходи на Република Северна Македонија и Даночната управа на Црна Гора којашто е во насока на унапредување на организациските и функционалните аспекти на двете институции, е од посебно значење, земајќи ги предвид сличните ситуации и околности со коишто се соочуваат и двете даночни управи.