Фото: Pixabay

South Central Ventures, фонд што располага со 40 милиони евра, ќе соработува со хрватскиот старт – ап AdScanner. Капиталот на овој старт – ап од 800.000 евра, со оваа инвестиција, ќе се зголеми на 2,7 милиони евра. Инаку, SCV секоја година разгледува меѓу 300 и 350 компании, но вложува во многу мал дел од нив.

AdScanner е маркетинг старт – ап што нуди big data решенија за новата генерација ТВ бизнис модели. На таканаречената ad tech сцена е активен од 2012 година, а во овој момент е присутен на хрватскиот, австрискиот, германскиот, бугарскиот и српскиот пазар. Развива единствен алгоритам за автоматско препознавање на видео содржина. Исто така, собира и интегрира напредни податоци за гледаност на различни телевизиски платформи.

“AdScanner на основа на data – driven пристап го менува начинот на којшто се планира, купува и мери телевизиска кампања и содржини. Од една страна, овозможуваме неспоредлива брзина, прецизност и транспарентност на сите страни, како што се агенции, телевизиски канали и самите огласувачи. Од друга страна, им даваме можност на кабелски и телеком оператори со нашето прилагодено TV DMP решение да го создадат својот деловен модел на ТВ огласување“, изјави Марин Чурковиќ, главен извршен директор и соосновач на AdScanner.

Со добиените средства од SCV, AdScanner планираат да го прошират меѓународното влијание и значајно да ги зајакнат продажните и развојните можности.

SCV има канцеларии во Белград, Загреб и Скопје, а преку Enterprise innovation fund е фокусиран на технолошки компании од западен Балкан.