Фото: Pixabay

Тебе да ти е убаво! (или по струшки – Тебе да ти е убо!), е фраза која за прв пат ја слушнав од еден мој пријател од Струга. Во ситуација кога јас му раскажував какви работи сум си купил за дома, и колку сум среќен поради тоа, тој ми вели – Супер! Тебе да ти е убаво!.

Мене многу ми се допадна таа фраза, бидејќи покрај тоа што има хумористична нота, ако се навлезе длабоко, има огромна синтактичка вредност и ефект. Самата фраза се основа сосема спротивно на она што се случува во меѓучовечките односи на социјално и на психолошко ниво кај нас, но и пошироко. Самата фраза Тебе да ти е убаво, не се однесува на нас лично (ЈАС), туку на другиот, соговорникот (ТИ). Во ова време на индивидуализација, изолација и сегментација, време кога сите си мислат само на себеси и што добивам ЈАС во некоја ситуација, овој концепт, концепт на социјално размислување и размислување за другиот, а не за себе, може да биде еден вид клуч за јакнење на меѓусебната комуникација, да го подобри меѓусебното разбирање, а со тоа и соживотот помеѓу луѓето.

Во Емоционалната писменост, секоја емоција или состојба има своја спротивна емоција. Така, концептот на  Его (ЈАС) е спротивно на Емпатија (ТИ). Денес, нашето ЈАС е огромно и не остава многу простор за развој на Емпатијата (ТИ – перспектива). Поради тоа, овој концепт можеби ќе влијае (колку толку) на менување на тој сооднос.

Според моето мало истражување, помеѓу стружани, но и жители на други градови во Македонија (за познавањето и користење на овој израз), заклучив дека, покрај тоа што најмногу се употребува во Струшко -Охридскиот регион, самиот концепт може да има различна примена:

  1. Вистинска поддршка на соговорникот: искрена, позитивна конотација. Кога ви е искрено мило за соговорникот и го поддржувате во неговите планови. Кога навистина сочувствувате со нив и ви е мило за нивните успеси, дела или акции.
  2. Иронија/Критика: кога сакате да бидете саркастични и да испратите погрешна порака, се користи во ироничен контекст. Кога некој си мисли само на себе (кога е себичен) тогаш соговорниците знаат да ја искористат оваа фраза да бидат иронични кон таа личност, со цел да му испратат порака дека можеби се однесува себично.
  3. Советодавно: некогаш кога сакаш да заштитиш пријател, роднина, колега кој премногу се дава за другите и знаете дека може да биде повреден во дадената ситуација, го советувате да ја одбере таа опција затоа што за него е подобра.
  4. Хумор: се употребува и во разни други ситуации, кога можеби и нема некоја посебна поента. Се употребува како фраза со која било тема на разговор, чисто хумористично.

Што и да е причината за користење на оваа фраза, во секој случај, се однесува на другата личност (не на себе), и може да биде корисна во менување или подобрување на односите помеѓу луѓето. Но, доколку почнете повеќе да ја користите оваа фраза, најважно е вашата намера во заднина да биде вистински позитивна.

Со успех во промените.