Фото: Pixabay

Светски автомобилски гиганти експериментираат со технологија што им овозможува на автомобилите и семафорите да комуницираат за да го намалат сообраќајниот метеж, да влијаат на емисијата на штетни гасови и да ја зголемат безбедноста, пишува CNN.

Германскиот производител на автомобили Volkswagen заедно со Siemens започнаа со тестирање на систем за паметни светла во германскиот град Волфсбург.

Идејата е системот да испрати информации до возачите кога се очекува отворање на таканаречен “зелен бран“ на семафорите. Овој систем ќе користи Wi Fi технологија и сензори што ќе ги обезбедуваат потребните податоци, а планирано е да бидат попрецизни од GPS (Global positioning system) систем за лоцирање што го користат паметните уреди.

Технологијата, исто така, ќе може да ја подобри безбедноста преку пренесување на информации до возачите за условите во сообраќајот. Ќе овозможи и автомобилите да го избегнат непотребното запирање, намалувајќи ја емисијата на штетни гасови.

Слична таква технологија уште пред две години разви и автомобилската компанија Audi.