Фото: Pixabay

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – октомври 2018 година, изнесува 1.469.361.000 евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – октомври 2018 година, изнесува 4.829.636.000 евра и бележи пораст од 16,3% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6.298.997.000 евра, што е за 12,9% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – октомври 2018 година, изнесува 76,7 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – октомври 2018 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Бугарија.