Фото: Pixabay

Funderbeam претставува crowdfunding платформа за стартапи на којашто инвеститорите веднаш по иницијалната фаза може да тргуваат со своите удели, исто како компанијата да е котирана на берза, благодарение на blockchain технологија.

Еден од првите инвеститори во оваа естонска платформа за групно финансирање е основачот на Skype, Јан Талин, а првиот старт – ап што успешно се финансирал преку Funderbeam е Shipitwise, којшто успеа да собере 218.000 евра.

Компанијата што ќе се одлучи за небанкарско финансирање, ќе може преку Funderbeam да добие логистичка поддршка. Оваа платформа го проверува идентитетот на инвеститорите, ја испитува стручноста на водечкиот инвеститор, го разгледува квалитетот на бизнис планот на стартапот, како и неговата подготвеност да комуницира со инвеститорите и нивниот потенцијал за раст.

За потребите за финансирање на инвестицијата се основа таканаречен SPV (Special Purpose Vehicle), со седиште во Естонија, којшто претставува единствен сопственик на компанијата што комуницира со сите инвеститори. Оној старт – ап што ќе го започне процесот на собирање средства ќе добие таканаречен водечки инвеститор, којшто презема активна улога во управување на процесот. Обично станува збор за искусен инвеститор што е добро упатен во работата, чијашто репутација овозможува да се привлечат поголем број потенцијални инвеститори.

Funderbeam се базира на blockchain технологија, преку којашто уделот на инвеститорот се претвора во дигитален запис, односно токен. Ако инвеститорот вложи 100 евра, тој ќе добие 100 токени, што претставуваат удел и во SPV-то, а исто така, и во стартапот. Со овие токени ќе може да тргува, со што инвеститорот може да ги продаде во моментот кога ќе сака да ги врати парите од неговото вложување во стартапот што “котира“ на Funderbeam.

Овој принцип на инвестирање и финансирање ќе биде уште поблизок до македонски стартапи, мали и средни компании откако Македонска берза склучи ексклузивен договор за соработка со Funderbeam SEE, дел од групацијата Funderbeam Market Limited.

Во следниот период, берзата планира повеќе промотивни настани чија цел ќе биде запознавање со можностите што ги нуди оваа платформа.