Во второто тримесечје од 2018 година, Централна Кооперативна Банка оствари позитивен финансиски резултат, кој е на линија на поставените цели од деловниот план. Како резултат на континуираниот нагорен тренд во доменот на кредитирањето, при истовремено задржување висок квалитет на кредитното портфолио и насоченоста кон подобрувањето на оперативната ефикасност, евидентиран е пораст на каматните приходи од 6,56% во однос на истиот период од минатата година.

Банката бележи и значителен раст на депозитите, особено во сегментот население. Растот на депозитите генерираше зголемени расходи за камата за 7,41%, но, сепак, нето-ефектот кај приходите од камата е позитивен и е зголемен за 6,14% во однос на истиот период минатата година.

Поради определбата на Банката за зголемување на обемот на работа преку понуда на промотивни и подостапни услуги за своите клиенти, нето-приходите од провизии и надоместоци бележат намалување за 5,50%, споредено со истиот период минатата година.

Банката во второто тримесечје го задржа одличниот квалитет на кредитното портфолио и покрај евидентираниот мал раст на исправката на финансиските средства. Зголемувањето на исправката делумно  произлегува од растот на кредитното портфолио, а дел од последователното мерење на кредитниот ризик на зрелото кредитно портфолио. Во овој период Банката нема евидентирано нови преземени средства и, соодветно, нема издвоено загуба поради оштетување на нефинансиските средства.

Во делот на останатите приходи од дејноста, Банката го задржа речиси истото ниво во однос на минатата година, додека кај нето-приходите од курсни разлики, оствари незначително намалување.

Позицијата трошоци за вработените забележа зголемување за 5,42% во однос на минатата година, поради растот на бројот на вработените и континуираното вложување во постојните вработени.

Напредокот во делот на оперативната ефикасност се гледа и преку остварените заштеди евидентирани во позицијата останати расходи од дејноста, при што истите се за 2,60% пониски од минатата година.