Во просториите на Управата за јавни приходи (УЈП) во Генералниот даночен инспекторат е пуштен во употреба новиот Електронски систем за евалуација на ризик. Системот овозможува електронско одредување на вршење на контрола кај ризични даночните обврзници.

Вработени од Генералниот даночен инспекторат заедно со фирмата We do IT solution од Австрија, а под покровителство на австриската Агенција за развој креираа софтвер што овозможува електронска селекција на даночни обврзници за контрола врз основа на однапред утврдени и интегрирани критериуми за ризик. Критериумите за ризик се софтверски имплементирани правила врз основа на кои се генерира листа на ризичните обврзници за контрола. Овие правила се сет на математички и логички алгоритми кои вршат споредба и впарување на расположивите податоци од базата на податоци на УЈП, а се изготвени врз основа на најдобрите меѓународни практики и искуства кои се адаптирани на македонскиот даночен систем.

Со овој софтвер се обезбедува објективна селекција на даночните обврзници за контрола, при што значително се намалува човечкиот фактор, а со тоа и субјективноста во процесот на селекција на даночните обврзници за контрола. Во досегашната пракса УЈП користеше полуавтоматизирани процеси и софтвер за вршење на анализа на ризик, а со новиот софтвер се овозможува речиси целосна автоматизација на овие процеси. Со оваа автоматизација на процесите се очекува зголемување на ефикасноста на надворешните контроли од причина што селекцијата на даночни обврзници ќе се базира на софтверот за анализа на ризик, односно предмет на надворешната контрола ќе бидат само оние даночни обврзници кои ќе бидат утврдени како ризични.

На овој начин ресурсите на УЈП ќе се користат многу поефикасно односно истите ќе бидат сразмерно и соодветно насочени спрема утврдениот ризик. Дополнителен бенефит од користење на овој софтвер ќе имаат даночните обврзници бидејќи ќе се намалат неефикасните контроли односно даночните обврзници многу помалку ќе бидат оптоварени со непотребни контроли на УЈП. Ваков софтвер се користи од страна на речиси сите модерни даночни администрации и истиот претставува основна алатка на функцијата анализа на ризик. Во однос на регионот најголем дел од земјите од регионот или веќе користат или се во фаза на развивање на истиот.

Овој софтверски систем е донација на австриската Агенција за развој од Австрија и австриската фирма We do IT solution согласно кој за УЈП не произлегуваат обврски кон донаторот, а софтверот може да се користи исклучиво за потребите на УЈП. Според проценката на донаторот, вредноста на донацијата изнесува 360.000 евра. Ефективноста на овој софтвер многу ќе зависи и од негово навремено и континуирано ажурирање со измените во законските и подзаконските прописи и промените во економската состојба во стопанството.
Во тој контекс флексибилноста е една од најзначајните карактеристики на овој софтвер односно можноста за понатамошно унапредување и развивање на функциите и можностите на овој софтвер.

По пуштањето во употреба во употреба ќе следи негово тестирање во реални случаи односно ќе се користи за селекција на даночни обврзници за контрола, а одпрви  јануари 2019 година софтверот ќе влезе во редовна употреба, како основен, но не и единствен механизам за селекција на даночните обврзници за контрола.

“Се надевам дека нашата соработка ќе продолжи и ќе имаме и други значајни проекти заедно со австриската Влада, бидејќи не само Управата за јавни приходи, туку на целата администрација ѝ е неопходна дигитализација“, истакна директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.