Остануваат уште седум дена можност за пријавување на конкурсот за доделување стипендии Борис Трајковски за МБА студии на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ. Сите заинтересирани кандидати за стекнување со стипендија за престижни студии, се повикуваат да ги испратат своите апликации најдоцна до 20 јули.

Стипендиите ќе се доделат на 20-те најдобри кандидати кои ќе се пријават на конкурсот и ги исполнуваат условите кои што се наведени во истиот. За академската 2018/2019 година стипендиите се наменети за вонредни, двегодишни студии од втор циклус на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ и тоа за насоките, менаџмент, маркетинг, финансии, менаџмент во логистика, менаџмент во здравство и менаџмент на човечки ресурси кои се дел од постдипломските студии на Програмата за бизнис администрација, МБА.

Доделувањето стипендии Борис Трајковски е дел од Протоколот потпишан меѓу Сити Колеџ, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија и Министерството за образование и наука, од кој што се и финансирани постдипломските студии.

Универзитетот Шефилд е еден од водечките британски универзитети и е рангиран меѓу Најдобрите 100 универзитети во светот и помеѓу Топ 10 универзитети во Велика Британија за истражувачка моќ. Според QS листата за глобално рангирање на универзитетите за 2019 година, тој е рангиран на 75-тото место во светот, и на 22-рото место во Европа. Во основата на Универзитетот Шефилд е истражувачката работа, за што има стекнато светска слава за квалитет и ја прави врвна академска институција. Професори на Универзитетот Шефилд се шест добитници на Нобелова награда. Во склоп на Универзитетот функционираат 6 академски факултети, од кои пет се во Велика Британија и еден факултет, тоа е Меѓународниот факултет, Сити Колеџ, се наоѓа во Солун, Грција.

Повеќе информации во врска со објавениот конкурс за стипендиите Борис Трајковски за академската 2018/2019 година за што рокот за аплицирање е до 20 јули, достапни се на линкот mon.gov.mk.