Секој поединец, наутро, има одредени утрински ритуали за старт на денот. Некој пие чај, друг кафе, трет спортува или слуша музика. Некој гледа во утринското сонце или медитира. Секој презема одредена активност како утринска карма за почеток на успешниот ден. Ништо не е поразлично и со ситуацијата во секоја фирма/организација. Едноставно, треба да ја третирате како “жив“ организам (што впрочем и е) и да практикувате одредени ритуали за успешен почеток на секој ден.

Науката, но и практиката, дефинирале многу корпоративни “ритуали“ или методи за старт на денот.

Утринска средба со колегите или колегиум – овој метод на функционирање го пратикував(ме) во времето кога работев во неколку дневни весници како новинар. Секое утро, буквално, со стапнувањето во редакција, секој од нас земаше чај, кафе или вода и се упатуваше во салата за состаноци. Тука се разменуваа предлог теми што ќе се работат во денот, се одлучуваа и делеа важни од неважни настани, се доделуваа обврски на новинарите и почнуваше денот. По едночасовната средба, новинарите се упатуваа на терен за успешно да ја обработат темата а уредниците го планираа весникот или решаваа одредени стратешки позиции.

Дигитален колегиум – благодарение на технолошкиот развој, утринската средба со колегите може да се замени со дигитална комуникација. Односно, Вие со вашиот компјутер и кафе на состанок со сите останати колеги. Предноста е тоа што не излегувате од дома, состанокот може да го прекинувате и продолжувате, бесплатно да разговарате долгорочно. Но, слабост е недостатокот на човечкиот контакт при комуникацијата. Може да користите Zoom, Skype конференции или какво и да било друго софтверско решение. Или Интранет решенија за комуникација само меѓу вработените во компанијата.

Заеднички појадок – напуштањето на просториите во кои секојдневно работите доведува до рефреширање на умот. Истите обврски и предизвици многу полесно ќе ги решите само доколку направите промена на просторот. Повикајте ги колегите на заеднички појадок и разговарајте за теми поврзани со функционирањето на компанијата. Ќе бидете изненадени колку креативни решенија ќе произлезат како резултат од едноставно меѓусебно зборување.

Вежбање – многу компании, во организирана форма, ги мотивираат своите вработени на физичка активност. Пред една година присуствував на еден многу интересен состанок во странска компанија која функционира во Македонија. Вработените, речиси сите, пристигнаа во спортска опрема. Се собраа во салата за состаноци и заедно со професионален тренер, имаа утринска енергетска вежба. По 15-минути вежба, следуваше 15-минутен колегијален разговор и веднаш, енергијата за работа на 100%.

Белешки (notes) – сум забележал и компании кои функционираат на принципот белешка за колегата/колешката. Шефовите или сопственикот на компјутерите на колегите лепи “стикери“ со обврски кои треба да бидат извршени во текот на утрешниот ден. На едно мое едноставно прашање “зошто овие обврски не ги проследите преку маил“, добив уште поедноставен одговор „кога нештото Ви е пред очи, полесно е да се заврши“.

Позитивни вибрации – никој не сака да работи во негативна атмосфера. Сведок сум на случај каде колегите меѓу себе, освен класичното добро утро при доаѓање во канцелариите, кажуваат уште најмалку еден позитивен збор. Пример, убаво изгледаш, вчера одлично ја заврши работата, Сонцето е прекрасно, денес ќе имаме успешен ден или треба да добиеме уште еден нов клиент. Пробајте ја оваа позитивна карма.

И постојат уште многу ритуали кои може да ги наброите или практикувате, но важна е крајната цел: компанијата да работи успешно и профитабилно, клиентите да бидат задоволни, вработените да бидат исполнети, ефикасни и ефективни. На овој начин, среќата на сите чинители во компанијата е на највисоко можно ниво и сите заедно, ќе тежнеат кон исполнување на поставените визија и мисија. Пробајте…

Тодор Стојчевски, сопственик на Агенција за односи со јавност Чептер 4

Фото: Pexels