Фото: Pixabay

Цената на ванилата во последните две години постојано расте, а неодамна достигна рекордно ниво од 600 долари за килограм, што е повеќе отколку да купите килограм сребро, објави BBC. Главната причина за вртоглавиот скок на цената е циклонот што минатиот март го погоди Мадагаскар, најголемиот светски производител на омилениот зачин, и уништи голем број на плантажи.

Станува збор за зачин што прилично тешко се одгледува, впрочем ванилата се екстрахира од деликатниот цвет на орхидејата и заради тоа е втор најскап зачин, после шафранот. Природниот екстракт од ванила е силен ликер со кафеава боја и интензивен мирис.

Производителите на храна, исто така купуваат ванила во прав, што се добива со мелење на мешунките претходно употребени за добивање на екстрактот.

Други големи произведувачи на ванила се Папуа Нова Гвинеја, Индија и Уганда, а најголем дел од неа оди во САД поради огромното производство на сладолед.

Освен во сладоледот, ванилата се користи и како додаток во разни слатки, алкохолни пијалоци, но и во парфемите и козметичката индустрија.