Фото: Facebook

Комуникацијата со светот, со помош на технологијата, никогаш не била толку силно развиена. Постојат голем број апликации коишто им овозможуваат на луѓето, иако се на различни точки во светот, да комуницираат без никаков проблем. Една од тие апликации е Viber.

Станува збор за платформа за инстант пораки, аудио и видео повици формирана од страна на јапонската мултинационална компанија Rakuten. Она што на корисникот му е неопходно е да има телефонски број за да може да испраќа пораки или видеа.

Почетоците на Viber датираат од 1998 година, кога Талмон Марко и Игор Магазник, инаку пријатели од израелските одбранбени сили, ја основаа компанијата Viber Media со седиште во Тел Авив. Компанијата беше управувана во Израел, а користени биле ресурси од Белорусија, со цел да се намалат трошоците за работна рака.

На почетокот, Viber не беше атрактивен за корисниците и не генерираше приходи. Веќе во 2013 година, се инвестирани 20 милиони долари во компанијата, а се ангажирани околу 120 вработени. Една година подоцна, односно во февруари 2014-та, јапонски Rakuten објави дека го презема Viber Media за 900 милиони долари.

Со овој износ, основачите добија 30 пати поголем поврат од првичната инвестиција.

Viber во 2010 година беше достапен за корисниците на iPhone и претставуваше директна конкуренција на Skype, а за корисниците на Android оваа апликација беше достапна две години подоцна, во јули 2012 година.

Освен за мобилни уред, оваа апликација е достапна и за десктоп компјутери. Придобивките од користењето на оваа апликација ги чувствуваат голем број лица, кои освен за приватни разговори, го користат Viber и за бизнис комуникација.

Денес, Viber има над 900 милиони активни корисници ширум светот.