Две вина на винаријата Стоби, Ркацители од бербата 2017 и Веритас од бербата 2015 освоија највисоки признанија на интернационалниот натпревар Вино Љубљана 2018 којшто важи за еден од најстарите вински натпревари во светот. Во конкуренција на 425 вина од 23 земји во светот, дегустаторите го оценија квалитетот на вината на Стоби со највисоки оценки и им доделија златни медали во две категории.

На годинешниот вински натпревар во Љубљана, што традиционално се одржува веќе 60 години, учествуваа производители на вино од Словенија, но и бројни производители од целиот свет. Според организаторите на натпреварот, дури 75% од изложените вина на овој натпревар доаѓаат од земји надвор од Словенија. Квалитетот на овие вина годинава го оценуваа 43 дегустатори од 15 земји, при што македонската винарија Стоби ги доби престижните награди за квалитет во многу силна конкуренција.

“Огромна чест да се освојат две престижни награди на вински натпревар кој е рангиран меѓу десетте најелитни вински случувања во светот. Тоа што винаријата Стоби редовно освојува награди на меѓународните натпревари за нас е поттик да продолжиме со квалитетната работа, но истовремено е и потврда дека во Македонија се произведува навистина квалитетно вино кое стои рамо до рамо со вината од престижните винарии од целиот свет“,  изјави Ана Јорданова, сопственичка на винаријата Стоби.

Вината на Стоби го освоија жирито и на меѓународниот натпревар Мундус вини во Германија пред два месеца, каде што виното Аминта од бербата од 2015 година освои златен медал, додека виното Ркацители од бербата од 2016 година се закити со сребро.