Винарската визба Тиквеш го повтори одличниот успех од минатите години, освојувајќи нови 15 награди за своите врвни вина на годинешниот меѓународен вински натпревар – International Wine Challenge (IWC), кој годинава по 35-ти пат се одржа во Лондон, В. Британија.

На годинешниот натпревар, на кој традиционално за награди конкурираат и по неколку илјади вина од 55 земји и светски познати вински региони, сребрени медали добија Бела Вода (бело) 2017 и Темјаника класик 2017.

Истовремено, бронзени медали освоија 11 вина на Tиквеш. Меѓу добитниците се четири црвени вина и тоа: Барово од бербата 2015, Александрија куве и вината Вранец и Плавец од серијата Special Selection од бербата 2016-та, како и Каберне Франк Special Selection од бербата 2017-та. Бронзен медал му е доделено и на розе виното Александрија од берба 2016-та, како и на белото вино Виоње Special Selection 2017. Наградени се и четири вина на Тиквеш кои се посебни купажи достапни само на британскиот пазар. На вината Совињон Бланк Special Selection од бербата 2017-та и Т’га за југ од бербата 2016-та, жирито на натпреварот им доделели специјално признание и препорака.

Со 15 наградени вина на еден од најмасовните и најугледните светски вински натпревари, Тиквеш го потврди реномето на најтрофејна винарница од овој дел на светот и обезбеди уште еден доказ за квалитетот на вината од нашето поднебје.