Гоце Кузмановски, директор на Парти Сервис Лео, кетеринг компанија за производство, дистрибуција и послужување храна

Развојот на кетеринг индустријата бележи континуиран раст не само надвор, туку и во рамки на домашниот пазар, особено во корпоративниот сектор каде компаниите сè почесто се одлучуваат да воведат оброк на работното место за своите вработени.

За почетоците и развојот во рамки на кетеринг индустријата разговараме со Гоце Кузмановски, директор на Парти Сервис Лео, кетеринг компанија за производство, дистрибуција и послужување храна.

БИ: Во комерцијалниот, односно приватниот сектор познати сте под брендот ЛЛ Кетеринг во рамки на којшто работите и опслужувате и големи настани. Колку долго трае вашата приказна и кој е “виновникот“ за ЛЛ Кетеринг?

Паралелно со развојот на глобалните трендови се развиваше и нашата компанија, а со самото тоа се прошируваше и опсегот на услуги што ги нудиме кон потрошувачите. Со растот на компанијата растеше и влогот во новитети и од аспект на опременост и технологија и од аспект на човечкиот капитал.

Така денес, покрај подготовката на кетеринг храна за опслужување на разни корпоративни настани и приватни прослави, нашата компанија подготвува, дистрибуира и послужува храна како топол оброк во големите компании со сменско работење. Така што брендот ЛЛ Кетеринг остана да опстојува како продукт бренд односно синоним за комерцијалниот кетеринг и до ден денешен сме препознатливи по него.

За тринаесет годишната приказната на ЛЛ Кетеринг којашто со гордост можам да кажам дека е успешна, “виновни“ се посветените и лојални вработени кои од година во година во заедништво и со многу љубов сè повеќе се стремат да испорачаат квалитетна услуга и уште поквалитетна храна што ќе ги задоволи и нутритивните и сетилните потреби.

Во ЛЛ Кетеринг секое залче храна е подготвено со огромно внимание и голема љубов и тоа е она што го обединува целиот тим како една од нашите клучни корпоративни вредности кои се практикуваат во секојдневното работење.

БИ: Освен подготовка и испорака на храна, вашето портфолио вклучува и друг вид на услуги. Што сè нудите и каков вид на кетеринг имате?

Во една реченица кажано, нашето портфолио на услуги опфаќа сè што е поврзано со храна наменета за било каква прослава, свеченост, настан, промоција, а тоа значи комплетна организација и комплетна кетеринг опрема.

Многумина од нашите клиенти, на пример, не знаат дека имаме долгогодишно искуство во спроведување на деловни ВИП ручеци и вечери коишто подразбираат послужување на храната во неколку курсеви или популарно наречени гангови кои се дел од официјалните протоколи каде секој аспект на услугата мора да е врвен, започнувајќи од безбедноста преку вкусот, па сè до начинот на послужување.

Би поентирал со мислата дека кетеринг услугата е многу повеќе од само убаво сервирана храна. Третманот и комуникацијата со клиентите е, исто така, многу важен сегмент во нашето работење на којшто се темелат нашите долгогодишни и повторни соработки како со приватни лица така и со компании.
БИ: Што најмногу бараат клиентите? Дали сте познати по одреден тип на храна и специјалитети или се прилагодувате по потребите на нарачателот?

Како и во другите индустрии така и во угостителската, односно прехранбената постојат трендови кои ги диктира времето кое го живееме. Здравата и избалансирана исхрана е секогаш приоритет во опслужувањет на компаниите. Во овој период сè повеќе се зголемува побарувачката на вегетаријанските и вегански менија како дел од животниот стил на клиентите кои се сè побројни.

Исто така, постојат и сезонски побарувања, како што се посните менија за време на религиозните пости, но и како начин на живот на одредени граѓани. Во ера на голем и различен вид алергии, сè почесто се бараат нискоалергените менија, не само за детската популација, туку и за возрасни лица. Стигнуваат и специфични барања за селективно нутритивни менија согласно одредени диететски планови на исхрана коишто ги практикуваат дел од нашите клиенти. И секако да не го заборавиме вкусот на традицијата, којшто сè уште е дел од нашите животи и особено побаруван за семејните собири и прослави. Прилагодено изработени менија и оброци се дел од нашата услуга.

Но, без разлика на типот на храната и специјалитетот, сите клиенти бараат храна надополнета со љубезна и посветена услуга. Дали станува збор за испорака на услуга во кантините или услуга на голем настан, она во што сме неприкосновени и бескомпромисни е испорака на услуга од пет ѕвезди со којашто и нашите клиенти и нивните гости се среќни и се чувствуваат убаво.

БИ: Колку луѓе работат во ЛЛ Кетеринг? Дали одржувате обуки, посета на саеми и слично за подобрување на услугата и дали следите светски трендови во индустријата?

Во моментов сме 160 вработени од кои најголемиот дел се готвачи и помошен персонал во кујна и персонал за послужување.

Секој од менаџментот во својата бранша ги следи трендовите во индустријата и посетува корисни обуки кои го помагаат нивното работење. На редовна основа и во континуитет спроведуваме тренинг и обуки за персоналот во кујна, како заради подобрување на нивните технички вештини и проширување на познавањата од аспект на нутриционизмот, така и стручни програми кои го унапредуваат управувањето со безбедноста на храната.

Посетата на саемите ни помага во креирање на идните планови и насоки на работење согласно кои воведувањето на новитети е дел од мисијата на компанијата. Нашата намера е да бидеме кетеринг компанија со голема визија која ќе спроведува развојни бизнис чекори со големи размери кои ќе креираат промени на пазарот. Затоа, сè она што сметаме дека го надоградува и надополнува системот на функционирање и придонесува за организацискиот раст и развој го поддржуваме и имплементираме.

Стремејќи се да бидеме лидери во иновативните процеси на производство, дистрибуција и послужување на вкусна и свежа храна, континуирано инсистираме на квалитет во секој аспект од нашето работење, без разлика дали се работи за квалитет на нашите услуги, за квалитет во односите со клиентите или за квалитет во нашето размислување.

БИ: Неодамна вашиот шеф на кујна доби признание за своите кулинарски способности на интернационалниот гастрономски натпревар во Струмица. Кои се вашите следни чекори проекти, што ново може да очекуваме во блиска иднина?

Да, на наше големо воодушевување и задоволство, главниот шеф на кујна на Парти Сервис Лео доби бронзен медал на третиот интернационален натпревар Гастромак 2018 година, претставувајќи ја нашата компанија со рецепт од медитеранската кујна, филети сом во лист од лоза со прилог медитеранска паштета.

Како компанија за која задоволството на вработените е врвен приоритет и еден од аспектите на нашата корпоративна развојна стратегија, го поттикнуваме и поддржуваме секое посакувано учество на нашите  вработени на натпревари од нивните релевантни полиња на делување. Компанијата може да оди напред само доколку експертизата и професионалниот раст на вработените се мотор на системот и процесите на работа.

А сите признанија кои се потврда за нивното успешно работење се и поттик за нивната понатамошна кариера и влогот во професионалниот успех.

Во моментов сме актуелни со кампањата Помалку солено, поздраво! во рамки на која покрај креирање нови нормативи за подготовка на оброци со намалена количина на сол, апелираме до сите граѓани за консумирање на помалку солена храна или во најмала рака избегнување на досолувањето на оброците. Главната цел на оваа кампања е подобрување на квалитетот, вкусот и вредноста на производите за нашите клиенти кои ќе бидат со дополнителен здравствен бенефит.