Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република  Македонија, во периодот јануари-август 2018 година, изнесува 227 623 250 илјади денари и бележи пораст од 14,7 % во  однос на истиот период од претходната година.

Вредноста на увезената стока, во периодот јануари-август 2018 година, изнесува 302 182 122 илјади денари што е за 11,7 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари-август 2018 година, изнесува 74 558 872 илјади денари.  Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-август 2018, изнесува 75,3 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата  добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик,  неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик  на прав.

Во периодот јануари-август 2018 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Бугарија.