Кои се основните разлики помеѓу мажите и жените во бизнисот? Како размислува еден маж претприемач, а како на истите работи гледа една жена? Дали она за посилен и понежен пол важи и во бизнисот?

На оваа тема спроведени се многу истражувања и анализи, на различен број испитаници од различни сфери на работењето. Иако не може да се направи генерализација, сепак постојат некои разлики што се провлекуваат во сите добиени резултати.

На пример, мажите претприемачи полесно носат одлуки за разлика од жените и се поподготвени да преземат финансиски ризици. Жените од друга страна не се одлучуваат така лесно на промени и својот бизнис го темелат на добрите односи со вработените и клиентите. Тие повеќе би побарале и дале совет, отколку мажите кои повеќе се слушаат себе си и веруваат дека токму тие го имаат најдоброто решение.

Со оглед на тоа дека мажите побрзо носат одлуки, тие се почесто изложени и на ризици во бизнисот. Понекогаш тој ризик се исплатува, па затоа компаниите основани од мажи во принцип побрзо растат и побрзо одат напред.

Жените повеќе ги анализираат сите аспекти пред да се одлучат за нешто. Работат потемелно и ја поставуваат својата компанија на цврста основа. Кога постигнуваат успех мажите претприемачи имаат тендеција тоа да го прослават “гласно“ и помпезно, додека жените се поумерени во тоа.

Кога пак нешто не оди како што треба жените претприемачи повеќе би се обвиниле себе си, за разлика од мажите кои кривецот ќе го бараат на друго место.

Мажите генерално се поамбициозни, повеќе се форсираат да ја постигнат замислената цел, и посамоуверено умеат да се престават себе си и својот бизнис. Жените и тука се поумерени, ретко ја преминуваат границата на своите можности и помалку се спремни да жртвуваат за остварување на целите во бизнисот.