volontiranje

Фото: Pixabay

Волонтерите се една од клучните особености на непрофитните организации (НПО), но сепак техниките и методите на човечките ресурси, односно на системот за менаџирање на перформансите од работењето (Performance Management System) кои веќе ги објаснивме, апсолутно се применливи и кај волонтерите во НПО, секако имајќи ги предвид спецификите и соодветните прилагодувања. Дополнителна особеност за волонтерите е потребата, практиките на човечките ресурси да бидат во согласност со постоечката регулатива во земјата или земјите во кои делува НПО. Подоцна ќе направиме осврт на законската регулатива во Република Македонија и регулирањето на работата со волонтерите во рамките на Законот за волонтерство.

Работа со волонтери

Секоја НПО може добро да се развива доколку практикува соодветен менаџмент на својот најважен ресурс: луѓето. Непрофитните организации успеваат благодарејќи на вработените, нивната посветеност, интелигенција и мотивираност. Затоа е потребно да се најдат и да се одберат најдобрите вработени и волонтери.

Непрофитниот сектор има една и единствена тајна и уникатност на својот успех: ВОЛОНТЕРИТЕ!

Волонтерите се основата на непрофитниот сектор. Волонтери се луѓе кои го подаруваат своето време, знаење, искуство, експертиза, талент или друго, без барање на надомест. Силината, резултатите и имиџот што го носи непрофитниот сектор се заснова токму на моќта на овој сектор, да мобилизира продуктивен труд на милиони луѓе низ светот за добротворни и непрофитни цели без плаќање на плата и придонеси. Но, овој огромен успех не доаѓа сам по себе спонтано, поради мисијата што ја имаат организациите, иако голем број од волонтерите волонтираат токму затоа што сакаат да помогнат. Овој успех пред сè е заснован на програмите за волонтери кои го канализираат импулсот на граѓаните да помогнат во конкретни работни активности дизајнирани од непрофитните организации со цел да се остварат зацртаните цели и задачи.

Една студија открила дека околу 100 милиони луѓе волонтирале во текот на 1999 година во САД, а друга пак студија дека на секои четири луѓе над 13 години, еден од нив волонтира, додека Галуп известил дека 70% од луѓето би волонтирале. Без волонтери, плановите за прибирање на средства и дури самите услуги кои се даваат не би можеле да се спроведат.

Сепак, работењето со волонтери не е лесно, бидејќи задачите може да се неконкретни, линијата на авторитет и комуникација да не е силна како кај вработените, и волонтерите или се потценети или, пак, се преоптоварени со работа.

Главното прашање е каде да се пронајдат волонтери. Во овој дел ќе зборуваме за тоа какви волонтери требаат, каде да се најдат и како тие да бидат задоволни откако веќе еднаш станале волонтери во една НПО.

Речиси секоја непрофитна или хуманитарна организација користи волонтери во некое својство. Во најголемиот број случаи, членовите на извршниот орган служат без надомест. Дури и ако една НПО има платени вработени, волонтерите сè уште можат многу да помогнат. Многу големи светски организации имаат своите координатори за волонтери кои регрутираат и организираат волонтери.

Непрофитните организации зависат од волонтери кои одговараат на специјализирани телефонски линии, водат извидници, даваат часови, водат млади спортски тимови, организираат настани за прибирање средства, организираат семинари и конференции и испраќаат писма. Секој менаџер во една НПО мора да знае како да работи со волонтери.

Во сегментот на волонтерите лежи една од клучните разлики меѓу профитниот и непрофитниот сектор. Иако и профитните сектори добиваат волонтери, особено млади луѓе што студираат, учат или го бараат своето прво работно место, сепак непрофитните организации не можат да се замислат без волонтерска работа.

Разбирање зошто луѓето волонтираат

Класичен стереотип за волонтер е кога некој има многу слободно време и бара нешто да прави во тоа слободно време. Иако овој стереотип во минатото можеби бил вистинит, особено кај жените кои во тоа време не работеле, работите сега се променети. Жените денес се во голем процент дел од работната сила и покрај работата имаат многу обврски-одгледување на фамилијата, грижа за постарите родители, вежбање во фитнес центри и проверка на домашните е-мејлови.

Зошто тогаш изгледа дека луѓето волонтираат многу почесто отколку порано? Затоа што сè повеќе луѓе ја разбираат вредноста на волонтирањето во нивната омилена непрофитна организација и затоа што сè поголем број луѓе се поканети да волонтираат. Во земјите со голема невработеност (како што е и Македонија) волонтирањето се случува, на некој начин, и со желба да се дојде до хонорар или приходи.

Разбирањето на причината, зошто луѓето волонтираат, помага полесно да се најдат волонтери, да се организира нивната работа и да се препознаат нивните потреби. Не секој е мотивиран од исти фактори. Луѓето волонтираат поради различни причини, вклучувајќи ја нивната желба да:

sl-1

Друга класификација на причините за волонтирање:

sl-2

Иако причините за волонтирање се различни, неколку национални анкети во САД, правени во континуитет, покажуваат одреден степен на константност за мотивираноста на луѓето да волонтираат. Следнава табела ги покажува причините за вклучување во волонтерска активност во периодот од 1965 до 1991.

sl-3Процентите не даваат збир од 100, бидејќи биле дозволени повеќе одговори.

Според презентираните податоци, најчестиот стимул за волонтирање е желбата да се „направи нешто корисно што ќе им помогне на другите“ или „помагање на другите“, претставено речиси со мнозинство (и често над мнозинството) во секоја анкета, околу 10% од волонтерите, а 17% во 1991 наведуваат мотивираност поради претходно добивање на волонтерски услуги; можеби нивната волонтерска активност е мотивирана од желбата „да возвратат“ за услугите или вниманието кое претходно го добиле.

Иако повеќето од мотиваторите се алтруистички, поопипливите мотивациски фактори се чести. На пример, околу 30%-40% од волонтерите, како мотивација изјавиле дека е „уживање во волонтерска активност“ или дека „имале интерес во активноста или работата“. Значаен број на волонтери (22%-29%) рекле дека имале пријател или роднина кој или е вклучен во активноста во која волонтирале или би добиле нешто од таа активност. Во анкетите во 80-тите години, од 8% до 11% го идентификувале волонтирањето како „стекнивање на искуство“ (16% во 1991). Образовните или обучувачките придобивки од волонтерското искуство е особено важно за оние кои влегуваат за прв пат или повторно влегуваат на пазарот на труд. Според еден волонтер, „сите пазарно барани способности можат да бидат зајакнати и модернизирани во добро структурирана волонтерска програма“.

Според резултатите од горната анкета, може да се забележи дека голем број од волонтерите истовремено се повикуваат на мотивација насочена кон другите, но и на мотивација насочена кон себе си, кога станува збор за волонтирање. Волонтерите можат и најчесто тоа и го прават, да ги мотивираат двата вида награди од волонтирањето: една од помагањето на другите, преку задоволство од работата и социјалната исполнетост, а другата од учењето и од надградбата на искуството, како и дружењето со пријатели и соработници.

Зошто луѓето не волонтираат

Блу Мун Комуникации од Делавер направиле анкета за тоа – зошто луѓето не волонтираат, и ги добиле следниве резултати:

sl-4

Ако имате прашање за Јован Маџовски, можете да го поставите на Бизнис советник.