Вознемирување на работното место (МОБИНГ)  е појава на психичко малтертирање на работното место, кое се повторува низ активности чија цел е деградација на работните услови на работниот, кои може да предизвикаат повреда на човековтие права и достоинството, да наштетат на психичкото и телесното здравје и да ја компромитираат професионалната иднина на жртвата.

Според спроведените анкети со анонимни испитаници направени од страна на синдикатите, речиси половина од работниците во Р.Македонија наведуваат дека се жртви на мобинг. Меѓутоа во судската практика не е забележана ниту една Пресуда со која би се утврдило вршењето мобинг.

Во законот за работните односи мобингот беше дефиниран како “негативно однесување од стана на поединец или група која често се повторува (најмалку во период од 6 месеци), но 2013 година донесен е посебен закон, за заштита од вознемирување на работното место во кој детално се пропишани правата, одговорностите и обврските на работодавачите и работниците.

Многу често во практиката работниците и работодавачите бараат заштита во поглед на ова прашање, како да се изработат правилници и во нив точно да се дефинраат правата и обврските и одговорностите, како и да се уреди постапката за спречување на вознемирувањето на работното место.

Драги читатели, се надевам дека овој мал текст ќе биде од помош за сите Вас, и во својство на работодвачи и во својство на работници, како да се спречи вознемирувањето на работното место, од вашите партнери, вашите вработени на повисоки функции како и од работниците од најнизок ранг кои меѓусебно си наштетуваат и себе си и на работодавачите.

ПРАВА И ОБВРСКИ НА РАБОТОДАВАЧОТ

Најпрвин работодавачот има за обврска да обезбеди услови во кои работата ќе се врши во атмосфера за заемно почитување, соработка, без непријателско, понижувачко или навредливо однесување, да развива свест кај вработените за заемно почитување и тимска работа во извршувањето на работните задачи, како и да им го овозможи правото да изнесуваат свои ставови и мислења во врска со работењето,а притоа вработените да не трпат штетни последници.

Работодавачот е должен вработениот при самото врабутување писмено да го запознае со забрана од вознемирување на работното место и со мерките и постапката во врска со заштитата од вознемирување, како и во текот на работењето, работниците да ги информира за мерките, правата, обврските и одговорностите во врска со заштита од вознемирување на работното место.

СОСТАВУВАЊЕ НА ЛИСТА НА ПОСРЕДНИЦИ КАЈ РАБОТОДАВАЧИТЕ СО НАД 50 ВРАБОТЕНИ

Работодавачот кај кого се вработени 50 или повеќе вработени е должен да состави листа на посредници од редот на вработените кои ќе посредуваат меѓу страните во случај на вознемирување на работното место . Посредникот се избира од листата посредници определена од работодавачот.

СПОГОДБЕНО ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА ПОСРЕДНИКОТ КАЈ РАБОТОДАВЧИ СО ПОМАЛКУ ОД 50 ВРАБОТЕНИ

Кај работодавач кој има помалку од 50 вработени посредникот спогодбено го определуваат: Вработениот кој е изложен на вознемирување на работното место, вршителот на вознемирувањето и вработениот кој ќе го определи работодавачот.

ПОСРЕДНИК – НЕУТРАЛНО ЛИЦЕ

Посредникот кој е во редот на вработените- неутрално лице кое посредува меѓу страните (вршителот на вознемирувањето и вработениот кој смета дека е вознемируван) со цел решавање на нивниот спорен однос. Посредникот е должен да постапува независно и непристрасно. Лицето не може да биде посредник ако во постапката на посредување е предложен во својство на сведок.

ОДГОВОРНОСТ ЗА ШТЕТА

За штетата која како последица на вознемирување на работно месо е предизвикана на вработен кај работодавачот од страна на одговорно лице кај работодавачот-правно лице, работодавач-физичко лице, вработен или група вработени или трето лице со кое вработениот или работодавачот доаѓа во контакт при извршувањето на работите на работното место (вршители на вознемирување), одговара секое од овие лица поединечно за предизвиканата штета (лична одговрност за штета)

ПРАВА И ОБВРСКИ НА ВРАБОТЕНИОТ

Вработените и лицата ангажирани со договор кои учествуваат во работата кај работодавачот имаат право на заштита од вознемирување на работното место и имаат право да поведат постапка за заштита од вознемирување на работното место, во согласност со закон.

Вработените во текот на работата треба да:

Се однесуваат коректно, пристојно и достоинствено спрма другите вработени, да придонесуваат за создавање на работната околина во која нема да има вознемирување на работното место, да придонесуваат за превенција и спречување на вознемирување на работното место како и да го информираат работодавачот-правно лице (работоводен орган или друго овластено лице) односно работодавачот-физичко лице ако забележат дека постои вознемирување.

ПОСТАПКА ЗА ЗАШТИТА ОД ВОЗНЕМИРУВАЊЕ НА РАБОТНО МЕСТО КАЈ РАБОТОДАВАЧ

Постапката за заштита од вознемирување на работно место кај работодавачот се состои од:

  • Претходна постапка (писмено предупредување) која по својот карактер е обид за надминување на спорната ситуација без поведување на постапка за заштита пред работодавачот, односно надлежниот суд, и
  • Постапка за заштита од вознемирување при постоење на неуспешен обид во претходната постапка.

ПРЕТХОДНА ПОСТАПКА

Во оваа постапка вработениот кој смета дека е изложен на вознемирување на работното место, треба ПИСМЕНО ДА СЕ ОБРАТИ до лицето за кое смета дека го вознемирува и да му укаже дека неговото однесување е несоодветно, неприфатливо и несакано, а со цел за решавање на спорната состојба, без поведување на постапка за заштита од вознемирување на работното место и ДА ГО ПРЕДУПРЕДИ дека ќе побара законска заштита ако таквото однесување веднаш не престане.

ПИСМЕНО БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА ОД ВОЗНЕМИРУВАЊЕ КАЈ РАБОТОДАВАЧОТ

Оваа постапка се поведува кога вознемирувањето го врши лицето кое не е работоводен орган (одговорно лице) кај работодавач – правно лице, односно работодавач во војство на физичко лице. Во таков случај вработениот кој смета  дека е изложен на вознемирување на раотното место, по безуспешна претходна постапка, пред поднесувањето на тужба пред надлежен суд, поднсува ПИСМЕНО БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА ОД ВОЗНЕМИРУВАЊЕ на работното место до работодавачот.

ДО КОГО СЕ ПОДНЕСУВА БАРАЊЕ ЗА ЗАШТИТА ОД ВОЗНЕМИРУВАЊЕ?

Барањето за заштита од вознемирување вработениот го поднесува до:

(одговорно лице кај работодавачот-право лице, управител, директор или друго овластено лице )

(работодавач-физичко лице или друго лице кое тој ќе го овласти)

КОЈ МОЖЕ ДА ПОДНЕСЕ БАРАЊЕ ОД ИМЕТО НА ВРАБОТЕНИОТ?

Барањето може, покрај вработениот, да поднесе и друго лице (претставник на синдикатот, лице надлежно за работите за безбедност и здравје при работа или за управување со човечки ресурси и претставник на вработените), по писмена согласност на вработениот кој смета дека е изложен на вознемирување на работното место.

ШТО ТРЕБА ДА СОДРЖИ БАРАЊЕТО?

Во барањето треба да бидат наведени:

  • Подаоци за подносителот
  • Податоци за вработениот кој смета дека е изложен на вознемирување на работното место, а не е подносител на брањето
  • Податоци за вработениот кој се смета дека врши вознемирување
  • Краток опис на однесувањето за кое оправдано се смета дека претставува вознемирување на работното место
  • Траење и зачестеност на однесувањата кои се сметаат за вознемирување на работното место, како и датумот кога последен пат е извршено тоа однесување
  • Наведување на факти и докази.

РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА БАРАЊЕ?

Барањето може да се поднесе најдоцна во рок од 6 месеци од денот кога последен пат е извршено однесувањето кое претставува вознемирување на работното место

Со истекот на овој рок правото за поведување на постапка за заштита од вознемирување на работното место застарува.

Драги читатели, во следната колумна ќе го обработиме првиот чекор во спроведувањето и начинот на постапување по поднесувањето на барањето за заштита од вознемирување на работното место, и постапката за судската заштита пред надлежн суд.

Извор: Про Агенс (Прирачник за работните односи)

Фото: Pixabay