Фото: YouSpace

Владимир Мијатовиќ и Билјана Џигал стојат зад белградскиот старт – ап YouSpace, што има задача на корисниците да им ги чува непотребните предмети коишто зафаќаат простор во домот, пишува Netokracija.rs.

“YouSpace е прв сервис во Белград за безбедно складирање на предмети од вашиот дом или канцеларија што не се користат секојдневно. Ние ги преземаме, чуваме и ги враќаме вашите предмети кога ќе ви бидат потребни. Направете повеќе место за себе и за својот живот“, порачуваат од YouSpace на нивната официјална страница.

Во овој момент белградскиот старт – ап има околу 100 корисници кои ја искористиле оваа услуга.

“Кога му одговара на клиентот, курир ќе ги презеде спакуваните кутии и останатите предмети и ќе ги однесе во нашето складиште, каде што ќе ги чуваме до оној момент додека клиентот не посака да му ги вратиме назад. Тогаш клиентот повторно, онлајн, ќе ги порача предметите кои ги сака и нашиот курир ќе му ги врати во рок од 24 часа“, објаснува Џигал.

Корисниците плаќаат месечна претплата по кутија, па така цената на една кутија или, на пример, чување еден пар скии или велосипед, чини 499 српски динари или околу четири евра.

Складиштето каде што се чуваат предметите е обезбедено со алармен систем, видео надзор и физичко обезбедување. Исто така, постојано се контролира температурата и влажноста на воздухот, а кутиите се изработени од цврст материјал, па ги заштитува предметите од механички оштетувања.