Маја Лазаревска, автор на кулинарското шоу Маја готви

Сакав да покажам дека за вкусен оброк којшто е направен од свежи намирници не е потребно, ниту многу време, ниту многу вештини. Времето поминато во кујна го одредуваме сами, а оброците за да бидат здрави не треба долго да се обработуваат термички, оттаму секако времето поминато во кујна е многу кратко, вели Маја Лазаревска во интервју за Бизнис Инфо.

БИ: Која е Маја Лазаревска и од каде љубовта за готвење?

Јас сум една жена која живее во 21-от век, со сите предизвици кои ги носи времето. Вработена и посветена на кариерата, мајка на близнаци и куче, со постојано работно време и ангажман од понеделник до петок и еден куп секојдневни обврски што ги носи семејството. Искрено уживам во динамичното секојдневие, но како и секој човек кој е изложен на стрес и постојана трка со времето и обврските, потребен ни е вентил кој ќе ни помогне да го ослободиме акумулираниот стрес. Некој вежба, други се релаксираат со кафе книга, јас готвам! Готвењето како пасија се случи сосема случајно, кога морав да се осамостојам и да живеам сама, започнав со прости рецепти кои ги готвела мојата мајка, но набрзо тоа ми стана пасија, почнав опсесивно да готвам, истражувам и експериментирам и готвењето ми стана начин со којшто ги негувам оние кои ги сакам и се околу мене. Знам да готвам и сред ноќ, после работа иако сум често на терен дури и да имам 15 минути слободни, влегувам во кујна и спремам нешто набрзина. Дефинитивно е љубов, бидејќи немам амбиции за професионален готвач, но со текот на годините стекнав вештини, а развив свои рецепти, начини на подготовка, и некако за сите тоа изгледа едноставно кога јас го правам. Веројатно има поврзаност и со тоа што јас навистина уживам додека готвам и тоа се чувствува.

БИ: Дали готвењето пред камера е исто како и кога готвите за пријателите и семејството?

Готвењето пред камера е сложено, но многу забавно. Бидејќи ова беше прво мое телевизиско искуство, ми требаше време да се прилагодам да не зборувам многу брзо, да успорам со рацете, бидејќи нели моето секојдневие налага да готвам неколку рецепти паралелно и често знам три работи паралелно да ги готвам. Јас си го знам редот кога готвам дома, но за тоа да биде разбирливо и едно шоу да биде едукативно, мора да се воведе ред. Исто така, ако згрешиш некоја постапка, тоа подразбира почнување одново, нема стоп и продолжи од каде што си застанат, но за среќа сите тие предизвици брзо се надминаа. Брзо се прилагодив и морам да кажам дека исто добро ми оди и готвењето пред камера бидејќи некако природно и ненаметливо се поклопи со мојот сензибилитет и темперамент. Сакав да направиме емисија во којашто би се препознале сите, како што секој од нас би готвел за своите блиски, со сите грешки и работи кои ни паѓаат од раце, бидејќи така готват луѓето кои не се професионални готвачи, но еднакво уживаат во готвењето. Подготвувањето на емисијата одзема навистина време, бидејќи во голем дел сакам рецептите да се со малку состојки, разбирливи, а сепак вкусни, па периодот на тестирање на моите рецепти го уживаат моите блиски, комшиите и сите околу мене цела недела пред снимањето. Разликата од професионален готвач до некој како мене, е што професионалните готвачи мора да ги воодушеват своите гости со креации, а ние треба да научиме да уживаме додека го правиме тоа. Тоа беше разликата којашто се проткајува низ моето кулинарско шоу, и се надевам дека е нештото што го одвојува како уникатно.

БИ: Дали сакате да експериментирате во кујна и дали може да го издвоите најнеобичниот рецепт што сте го подготвиле?

Обожавам експерименти до степен да морам да се убедувам некогаш дека треба да ги пробаат и дека се вкусни. Често правам гибаница со фета сирење и моцарела којашто ја служам глазирана со растопен мед, речиси и да не подготвувам салати кои во својот состав не содржат овошје, а чорбите и супите често ги згуснувам користејќи банани. Мојата фамилија е навикната на моите комбинации, но луѓето кои прв пат пробуваат храна која јас ја имам подготвено често се изненадени од состојките. Најнеобични рецепти кои ги подготвувам и се мој печат се готвените и свежите рецепти во тегли. Многу сакам да експериментирам со рецепти кои се приготвуваат користејќи ги добро познатите начини за приготвување на нашите зимници, но во помодерен концепт, па така подготвувам лазањи, чорби, салати во тегли кои баш се подготвуваат без други садови, ги задржуваат комплетно своите мириси, вкусови и хранливи состојки бидејќи брзо се подготвуваат во затворен сад и може да стојат долго време свежи.

БИ: Дали готвењето здрав оброк за семејството бара многу време поминато во кујна?

Апсолутно не! Една од причините поради која сакав да направам емисија беше баш ова. Сакав да покажам дека за вкусен оброк кој е направен од свежи намирници не е потребно, ниту многу време, ниту многу вештини. Времето поминато во кујна го одредуваме сами, а оброците за да бидат здрави не треба долго да се обработуваат термички, оттаму секако времето поминато во кујна е многу кратко. Ова и од лично искуство го тврдам , бидејќи најчесто имам по половина час за да подготвам нешто во денот, бидејќи сум во постојана трка со работните обврски, носење на деца по активности, така да и реално немам многу време да го поминам во кујна. Но, она што треба да се направи за да се скрати времето во кујна е да се научиме да експериментираме, да се научиме како да пазаруваме и што да имаме секогаш во нашите домови за во секое време да направиме брз и вкусен оброк, а да и секако да го смениме нашето убедување дека ручек или вечера мора да е некое долго печено или пржено парче месо. Има безброј комбинации и безброј ресурси кои ни се достапни во денешно време. Треба да имаме само волја да ги пробаме најразличните комбинации.

БИ: Дали сонувате за сопствен ресторан или пак за ваше шоу на некој од специјализираните светски канали за готвење?

Сега за сега не. По професија сум архитект, а покрај архитектурата долго сум активна на полето на спроведување на проекти за поддршка на маргинализирани заедници, и навистина уживам во моите професии. Сега за сега се гледам како некој кој сака да ги искористи своите капацитети за да придонесе за поубав свет и глас на оние кои се занемарени во општеството а и да ја практикувам својата професија. Но, се гледам себеси после својата кариера со сопствен ресторан, кој би служел храна и рецепти кои се мои. Да имам свое кулинарско шоу ми беше, исто така, една долгогодишна желба. Јас по природа сум љубопитна, темпераментна, кога нешто сакам да го научам го правам тоа со огромна пасија, и многу мои познаници години наназад ме охрабрувале да направам свое шоу, така и произлезе шоуто Маја Готви на 1 ТВ и сум благодарна што ме охрабрија и ми ја исполнија желбата. Кулинарско шоу на познатите канали за готвење ми е огромен предизвик, но не и недостижен и секако дека би била многу среќна да се случи. Светските канали за кулинарски шоу програми покрај тоа што финансиираат своја програма, откупуваат регионални емисии со цел да внесат шареноликост и сензибилитет на различни готвачи. За една таква емисија потребни се многу ресурси и средства, но не е неизводливо. Се надевам дека новиот проект кој го подготвуваме, ќе го привлече интересот и на компании кои би го поддржале сè со цел да се обезбеди квалитет кој е рамен на оние кои се прикажуват на светските канали, и на тој начин емисијата да излезе од рамките на нашата земја. Сега за сега сум среќна што ја имам можноста да готвам на екраните со пилот проектот Маја Готви на 1 ТВ и новиот кој се подготвува деновиве во соработка со друга телевизија и да ја добивам поддршката од гледачите и кои позитивно реагираат на емисиите, сè останато сметам дека со текот на времето ќе созрее и ќе си дојде само по себе.

БИ: Дали имате идол во готвењето (може да е некој познат шеф или личност од вашето окружување?

Сè што научив низ годините го научив гледајќи ги познатите готвачи како уживаат додека експериментираат со храна, собирајќи готвачи и истражувајќи ги патешествијата на оние кои се исто толку заљубени во готвењето. Омилена ми е Nigella Lawson, која со посебна пасија го прави тоа. Не би рекла дека ми се идоли, бидејќи никој не треба да следи нечиј пат, туку да создаде своја приказна, но секако дека се инспиративни и добри за да научиш техники кои понатаму секој би можел да ги прилагоди на своите идеи и рецепти. Од моето опкружување, најдобрите примери ми беа мојата баба и најдобрата пријателка на мојата мајка која за жал не е меѓу нас повеќе. Од нив ги научив сите тајни на печењето, месените специјалитети, ме научија на трпение и мали тајни кои се дел од нашата традиција како заборавени рецепти од источна Македонија и влашките специјалитети и сите изгледаат исклучително тешко за почетник, но беа едни од главните личности кои ја развија љубовта за готвењето кај мене и ме обучија со вештини.