Во преполна конференциска сала во хотел Мериот, изутринава започна првата конференција за е-трговија во Македонија на која се дискутира за тековните состојби, предизвици и идните трендови на полето на електронската трговија.

Под насловот “е-Трговија: е-Иднината за еМакедонија!”, на конференцијата свое излагање и учество имаат над триесетина говорници, модератори и панелисти од 8 земји.

Конференцијата со поздравен говор ја отвори претседателот на АЕТМ, д-р Нина Ангеловска, која во својот говор истакна дека Македонците во првото полугодие од оваа година, според податоците од НБРМ, потрошиле 63 милиони евра за купување онлајн, што претставува пораст од 20% во однос на првото полугодие од минатата година.  Најголем дел од овие трансакции завршиле кај странските е-трговци, или скоро 41 милиони евра наспроти 22 милиони евра остварени кон домашните е-трговци.

Воведно обраќање имаше и Министерот за информатичко општество и администрација, г-дин Дамјан
Манчевски, кој истакна:

“Mораме и можеме да направиме заеднички напори за промовирање на е-трговијата пред крајните корисници, преку подигнување на свеста на граѓаните за придобивките. Граѓаните мора да бидат сигурни дека во процесот на е-трговија нивните податоци се безбедни, трансакциите гарантирани и дека никој нема да ја злоупотреби нивната доверба во системот. Во тој контекст посветено работевме на Стратегијата за сајбер безбедност, а веќе сме во завршна фаза на финализирање на Акцискиот план за сајбер безбедност.“ – изјави г-дин Манчевски.

По него следуваа обраќањата на Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, и воведно обраќање од претставникот на Mastercard.

“Е-трговијата е еден од секторите кој што постојано се адаптира на промените на модерното општество, но и креира искуства надвор од зголемените очекувања на потрошувачите. Во Mastercard, посветени сме на подобрување на сигурноста и интегритетот на платежниот екосистем и како потврда за тоа ни служи Mastercard Digital Enablement Services (MDES), кој на е-потрошувачите им овозможува избор и леснотија да направат посигурни дигитални плаќања од разни уреди без да размислуваат на сигурноста.”, изјави г-ѓа Вања Манова, Менаџер за Бугарија и Македонија во Mastercard.

На конференцијата за којашто картите беа распродадени 9 дена пред почетокот, присуствуваат повеќе од 370
учесници кои доаѓаат од над 120 компании, 7 банки, 6 организации, 8 владини институции и 6 факултети.

Во тек е реализација на преостанатиот дел од агендата, која може да ја погледнете на официјалниот сајт на
настанот. За да ја следите конференција онлајн, следете го хаштагот #eCommerceMK на друштвените канали.