Откупот и продажбата на земјоделски производи, во текот на третото тримесечје во однос на истиот период лани, се зголемени за 38,9%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано зголемување за 51,9%, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство е забележано зголемување за 26%.

Зголемување на откупот и продажбата на земјоделски производи е забележано кај: житата, индустриските растенија, градинарските растенија, овошјето, грозјето, алкохолните пијалаци, добитокот, живината и јајцата и млекото, а намалување е забележано кај: фуражните растенија, млечните производи и рибата.

Месечната дистрибуција на вредноста на откупот и продажбата на земјоделски производи покажува зголемување на вредноста на откупот и продажбата на земјоделски производи во сите три месеци од третото тримесечје.