Неколку добри причини зошто и како треба да го користите слободното време.

Ја дознаваме разликата помеѓу зафатен и продуктивен

Денес ако не кажеме дека сме зафатени со нешто, односно дека сме во гужва, исто како да не постоиме. Но, дали кога сме зафатени со некоја работа, сме навистина продуктивни? Доколку не сме го завршиле тоа што треба фокусирајќи се на неважни нешта, всушност сме работеле за бадијала.

Сето ова може да се согледа кога ќе земеме неколку слободни денови и со мирна глава ќе направиме разлика помеѓу она што не прави продуктивни и неважните нешта за коишто сме сметале дека се значајни. Тогаш ќе можеме вистински да се фокусираме во насока на ефикасноста.

Наоѓаме подобри решенија

Откако ќе се одмориме и ќе ги погледнеме нештата од поинаква перспектива ќе можеме да најдеме и подобри решенија. Понекогаш не е потребен голем труд, само мала креативност и добра идеја. Што повеќе се зголемува ефикасноста, толку повеќе време имаме за себе. Затоа треба да се обидеме да работиме попаметно, а не понапорно.

Мудро делегирање, поголема продуктивност

Оние што мудро знаат да ги распоредат обврските и задачите на останатите, се свесни дека работата успешно ќе се заврши. Тоа не значи дека тие се мрзеливи, напротив, овие луѓе добро го проценуваат секој детал и знаат кој колку може да направи, а токму тоа ги прави и продуктивни. Преку делегирањето може да се постигне повеќе, со тоа што вам ви се отвора простор и време за нови идеи и задачи.

Живееме

Ако сте опседнати со работата и го користите и слободното време да завршите некоја задача, кога тогаш ќе “прегорите“. Слободното време е клучно за продуктивноста. Понекогаш тоа може да биде само еден ден, во моментот кога ќе почувствувате дека ви треба оддишка. Кога ќе дозволите малите нешта да ве расположат ќе имате енергија и за големите проблеми, затоа не плашете се да ги искористите слободните денови.