Фото: Pixabay

Дали веднаш го најдовте на одговорот од насловот? На што се должи тоа, дали нашите желби и потреби растат несразмерно и неконтролирано, па не можат да ги следат приходите што ги добиваме најчесто на месечна основа? Или можеби во прашање е нешто друго…

Кога ќе купиме нешто за коешто ќе се задолжиме, наместо да го купиме од нашата заштеда, потклекнуваме пред “психолошкиот“ притисок од некоја реклама, кампања, акција, попуст… Тоа резултира со донесување импулсивна одлука, а штом спласне еуфоријата, се враќате во суровата реалност бидејќи мора да го подмирите долгот што го имате.

Според некои, причина за тоа што трошиме повеќе од она што го имаме се пониските приходи и големите трошоци за живот, но тоа не треба да биде оправдание во секој случај. Оној кој не умее ефикасно да ги распореди своите приходи, нема да успее да изменаџира и неколку пати поголема сума. Статистиките, пак, покажуваат дека пензионерите и граѓаните со пониски приходи се помалку задолжени и многу дисциплинирани кога станува збор за редовно плаќање на сите сметки.

Затоа, важно е да ги разбирате вашите лични финансии, да направите план со којшто ќе ги разграничите месечните трошоци, составете листа на приоритети во којашто ќе бидат “сместени“ само најважните работи без коишто не можете да функционирате. Во моментот кога ставите јасна линија меѓу вашите желби, од една страна, и потребите, од друга страна, ќе научите полесно да се справувате со семејниот буџет, па дури и да имате доволно пари да ги заштедите.